Wednesday, July 9, 2014

СК0ПЈЕ НЕМА ДА МОЖЕ ДА ГО ИЗДРЖИ ПРИТИСОКОТ НА ПРОВИНЦИЈАТА



Депопулација на малите градови во Македонија и масовна преселба во Скопје

СК0ПЈЕ НЕМА ДА МОЖЕ ДА ГО ИЗДРЖИ ПРИТИСОКОТ НА ПРОВИНЦИЈАТА

-Во наредните 25 до 35 години прети опасност Крива Паланка, Кратово, Демир Хисар и Македонски Брод  да бидат избришани од список на градови во Македонија, а во Берово, Свети Николе, Дебар и Кушево бројот на население ќе се намали за повеќе од  дупло.
-Над 35 проценти од  вкупното население во државата е преселено во Скопје со тенденција на пораст од 1-1.5% годишно.
-За последните десет години од две соседни општини, Крива Паланка и Кратово се иселиле скоро 7000 жители, предупредуваат од регионален Центар за одржлив развој во Кратово.

Истражувањето е реализирано со поддршка на
БИРН Македонија



Александар Писарев
Депопулацијата на малите градови во Република Македонија станува загрижувачки социоекономски проблем кој во годините пред нас ќе доведе  до континуиран пад на квалитетот на животот и ќе биде увертира за исчезнување на малите градови. Според проекцијата која ја направивме врз основа на истражувањето во демографски најзагорзените региони во Република Македонија, во наредните 25 до 35 години на Крива Паланка, Кратово, Демир Хисар и Македонски Брод  им прети опасност да бидат избришани од список на градови во Македонија, а во Берово, Свети Николе, Дебар и Кушево бројот на население ќе се намали за повеќе од дупло. Истражувањето на оваа тема е направено меѓу граѓаните, локалните самоуправи, невладините органиации и експерти.
 Загрижува фактот што нашата проекција во неколку сегменти се поклопува со анализите на експетите на О.Н. за демографските движења во Македонија и предупредувањата на експертите за демографија од Економскиот факултет во Скопје.
Тоа ќе резултира со силен притисок на големите градови, со сто и повеќе илјади жители а пред се на Скопје, со проблемите кои се создаваат на овој начин. Почнувајќи од преголема невработеност, преку невозможност за решавање на инфраструктурни проблеми, преголема населеност, сообраќаен хаос, еколошки проблеми, хулиганство, појава на социопатолошки појави, зголемување на криминалитетот... и, генерално невозможност да се одговори на сите потреби на жителите на големи урбани средини.
Дали нашата проекција е точна или неточна ќе биде докажано со идните настани.
М.Н. Ќе настапи хаос
Статистиката до сега не направила таква проекција. Професорот др. Славе Ристески од Економскиот факултет во Скопје укажува дека таквата проекција е итно потребна од повеќе причини: Пред се поради претпоставениот притисок на големите градови каде треба да се планира проценка за идната побарувачка на енергија, транспорт, храна, вработување, социјално и здравствено осигурување, бројот на студенти, потребен број на места во училиштата за следните десет години.
,, Бидејки таквите проекции несе направени можеме да претпоставиме во каков  хаос тек ќе влезе државата, посебно, што преголемата привремена миграција се трансформира во трајна,, предупредува Ристески.
Согласно административно територијалната поделба на државата на региони, како најпогодени од депопулацијата се посочени следните подрачја (општини) односно градови.
Во Пелагонискиот регион најдрастична депопулација е во градовите Крушево, Ресен, Демир Хисар, и Македонски Брод. Во Источниот регион тоа се градовите Виница, Кратово, Крива Паланка, Берово и Свети Николе, а во западниот регион градот Дебар.
Во 1994 година според пописот на населението, 21 град во Македонија имал помеѓу 10.000 и 30.000  жители а според пописот од 2002 година тој број е намален за повеќе од  дупло и изнесува само 9 града. Состојбата денес е уште позагрижувачка . Градовите помеѓу 10 и 30.000 жители  во сите меѓупописни периоди бележат силна депопулација и губиток на население.
Најеклатантен пример на силна депопулација на малите градови е градот Дебар кој според пописот во 1994 година имал 20.000 жители, а денес според  проценката на локалното население и НВО градот нема повеке од 6000 жители.
Или градовите Кратово и Крива Паланка кои според невладините организации кио се бават со локален економски развој, од последниот попис до денес ги напустиле 6000 жители.
,, Во 1994 година во населените места помеѓу  5000 и 20.000 жители живееле преку 36 проценти од вкупното население на Македонија, а сега овој процент е намален под 10%, велат во Невладината организација Право на село која помага за одржлив развој на малите заедници.
Според оваа тенденција препознаваме десет спомнати града со ,,црна,, демографска перспектива. Тие уште во 1994 година имале намален  број на жители во однос на 1970 година но тие разлики не биле толку драстични (5-10%) но податоците од 2002 година кога е извршен последен попис на населението се загрижувачки и покажуват дека бројот на населението за 18 години се намалил за преку 50-60% . Професорот Ристески вели дека според неговите проценки  само до 1981 година  750.000 лица ги напуштиле руралните подрачја на македоније и тој процес никогаш нее зауставен.
Тенденцијата на нивната депопулација според експерти за демографија на Економскиот факултет во Скопје е уште повеќе зголемена во последните десет години.
Како најдрастични преимнери се наведуваат Кратово и Крива паланка. Според  податоците на невладината организација Регионален Центар за одржлив развој од Кратово,  општината  Крива паланка 2001 година имала  20100 жители денеска таа бројка е околу 17.000 во Кратово бројот на жителите од 10150 се намалил на 7500. ,,За десет години од овие две соседни општини се иселиле скоро 7000 жители,, вели Борјанчо Мицевски од регионален Центар за одржлив развој во Кратово.
М.Н. Невести од увоз
Демир Хисар се обидува депопулацијата да ја заустави со увоз на невести од Албанија. Благодарение на 10 ергени кои си ,,купија,, невести во Албанија, оваа училишна година во  најстарото градско училиште ,,Госе Делчев,, воДемир Хисар се запишале 20 првачиња, десет се по мајка Албанци. Така училиштето е спасено од затварање. Демир Хисар според пописот на населението во 2002 година имал 2593 жители, сега во градот несе ни половина.
Според локалната самоуправа,  изразената миграцијата предизвика напуштање на големи површини обработливо земјиште, пасишта, ливади и шуми, кои што како економски потенцијал останаа неискористени.
Крушево како градска населба во 2002 година имало според  податоците од општината  5533 жители, денес во градот има помалку од  4000 жители. Локалната самоуправа предупредува дека е забележан значителен пораст на миграцијата на работно способно насление од Крушево во другите градови во републиката но и надвор од Македонија.
Особено симптоматично и загрижувачки е и што се иселува воглавном младо население на возраст од 20 до 39 години што долгорочно ќе предизвика нагли падови  на бројот на населението. На овој начин горе наведените 10 градови (и не само тие) во наредните десетлетија ќе згаснат и ќе постојат само како географски поим.
Територијалната дистрибуција на населението во Република Македонија  според пописот од 2002 година (а денешната ситуација е уште попоразителна) покажува изразита несразмерност. Над 30 проценти од вкупното население во државата живее во десетина градови кои имаат повеќе од 50 и 100.000 жители. Најголемата концентрација е во Скопје кое според званична статистика од 2002 година апсорбира 20,5 проценти од вкупното население во државата а според плениминарните истражувања на економскиот факултет и незваничната статистика тој процент во периодот од
2007 до 2012 е зголемен на скоро 35 проценти од  вкупното население во државата со тенденција на пораст од 1-1.5% годишно.
Од невладината организација Право на село објаснуваат дека
не мора да биде така бидејќи дел од посочените градови имаат шанси за долгорочни развојни перспективи и големи ресурси во сопствената околина.  Дебар  на пример има неограничени количини најквалитетен гипс во Европа, има и термални извори, Свети Николе лежи на изразито плодно земјиште, Демир Хисар располага можеби со најголемите ресурси на вода за пиење, шуми и пасишта,  кои иако ветуваат долгорочна стапка на економски развој сепак се соочуваат со масовна депопулација.
Градовите како што се Кратово и Крушево претставуваат историски јадра- историски градови при што во нивното функционирање и развој не би смеела да биде занемарена и оваа компонента како модел за одржлив развој.
Потребно е локалната заедница да се погрижи за подобрување на квалитетот на животот во ови градови.
,,Според анкетата која ја напрвивме оваа година, 80 проценти на младите над 18 години  не планираат да останат понатаму да живеат во Дебар. Од анкетета која ја спроведовме меѓу средношколците само 10 проценти од цела една генерација планираат животот да го продлжат во Дебар, а 90 проценти веќе решиле да заминат во Скопје или Битола и таму трајно да се  преселат,, вели Гоце Љубиноски од Центар за одржлив развој на заедницата Дебар.
Борјанчо Мицевски од регионалне Центатр за одржлив развој во Кратово објаснува дека во оваа училишна година имало многу барања до Министерството за образование да се одобри отворање на паралелки за прво одделение за помалку од 20 ученици, што според законот нее дозволено. ,,Тоа укажува на драстичено намален бројот на првачиња бидејки нивните родители во меѓувреме се иселиле. Ако на пример во Кратово  пред  десет години имало пет паралелки со по 30 осмооделенци денес таа бројка изнесува само две со по 20 ученици затоа што нивните родители се преселиле во  Скопје или Куманово. Кратово и Крива паланка полека изумираат како градови,  во минагта година Кратово добило само 81 нов жител, а починале 116, во Крива Паланка се родиле 176 деца а починале  210 негови жители. Од 1200 ученици во средно училиште ,,Ѓорче Петров,, во Крива Паланка каде мигрираат и од околните села , бројот на ученици е намален на одвај 900 во сите четири училишни години,, вели Мицевски.
Локалното население најпластично го објаснува процесот на иселување од малите градови. Ефрем од Кратово е долгогодишен пекар, а држал и брашнара. Двата дуќани ги затворил и живее од скромна пензија и екстензивно земјоделие. ,,До пред десетина години, море до 2005-2006 дневно сум печел и продавал 300 векни леб, 100 гевреци, 10-15 пити бурек. Во 2010 печев само пастрмајлии и тоа за викенд, не можев да продама ни 100 векни леб, затоа  лани го затворив дуќанот и брашнарата ја затворив нема кој да купува брашно, во Кратово нема народ сите се иселија,,.
М.Н. Причини
Горан Лефков, економски аналитичар од Кочани вели дека причините за депопулација на овие градови лежат во локалните и централната власт неспособни да креираат добри развојни планови, дали свесно или несвесно подржуваат пропаѓање на малите градови преку вкупната маргинализација на потребите на овие заедница и преку блокада на процесите за вистинска децентрализација и пренесување на процесите за одлучување на локално ниво како и енормно мали издвојувања на делот од вкупниот БДП за развој на овие заедници. (25 пати помалку од она што е планирано до 2014 година).
,,Државата и локалната самоуправа теба да створат услови за подобар и поубав живот на граѓаните и да обебзедат економски  развој со што би се спречило мигрирање кон Скопје. ,,За дваесет години од осамостојувањето освен еден универзитет кој го доби овој регион и една брана на хидроситемот ,,Злетовица,, каде е многу сомнителна сума за која е изградена, ништо друго нее направено. Ако на граѓаните во провинција им обезбедите квалитетен живот, економски напредок, културни соджини, добро снабдување, кавлитетно здравство, спорт, безбеден живот тие ќе немаат причина да се селат во метрополата.  Источен регион е одсечен, нема патна инфраструктура. Замислете во 21 век, воз за Кочани сообрака само трипати неделно, еднаш во текот на работната недела и двапати за викенд. Кога би псотоела  современа инфраструктура, брзи возови налик на надземно метро и кога јас би можел од Кочани да стигнам во Скопје за 30-40 минути,  би можел сите мои специфични  потреби од велеградот да ги задоволам со едно патување, и неби имал потреба од преслба во Скопје. Источна Македонија нема ниту еден единствен километар автопа, и вие сакате да спречите депопулаија на градовите од овој регион.
Мојата проекција е дека малите градови од Источна Македонија ќе нестанат многу порано најмногу за 20 години,, вели Лефков.
Тој вели дека повеке од  20 проценти од населението кое е регистирано на пописот во малите градови во Источна Македонија во 2002 година, денес го нема, едноставно нестанало, не знаеме каде е. Цела една генерација ја снема. ,,Во 2008 година во Виница се родени  233 деца, а во прво одделение оваа есен тргнале само 158, значи 85 семејства се иселиле од градот. Ова е податок кој надлежните го држат во тајност, а е крајно загрижувачки,, вели Лефков..
Во овој регион загрижува и таканаречената привремена миграција, овие две недели  400 луѓе дневно заминуваат за Италија на сезонска работа да берат горзје. Само овј месец  од Кочани и Виница во Италија на сезонска работа заминале 5000 лица. Од Источна Македонија 30.000 граѓани со Бугарски пасоши постојано се ван границите на државата.
Нашето теренското истражување и анкета меѓу граѓаните покажуваат  дека дел од вината лежи и во силна партизација на локалната власт и поддршка на недоволно способни градоначалници чија приоритетна цел е по завршување на мандатот да обезбедат функција во Скопје.
Посматрајќи хипотетички се добива впечаток дека државата намерно ја фаворизира депопопулацијата на малите градови подстакнувајќи внатрешна миграција од две причини: се намалува притисокот на малите градови врз централната власт за решавање на нивните проблеми, се зголемува контролата над гласачкото тело бидејќи нивните ,,капитални ,, жители кои остануваат во малите градови се воглавном вработени во јавната управа.
Во Македонски брод според Зоран Новески од локалната самоуправа кој го предводел тимот за изработка на локален план за економски развој заедно со тимот на УНД ,во овој град како најголем работодавец  се јавува државата односно  буџетските установи, најголем дел од вработените кои можат да обезбедат достојна егзистенција се во  образованието, локалната самоуправа, полицијата, здравството и јавните претпријатија. За разлика од нив, стотина жени кои работат во конфекција во Македонски Брод, имаат дневница за 12 часовно работно време од само 300 денари која го нарушува људското достоинство. Бројот на жители во Македонски брод во континуитет се намалува а иселувањето е во Скопје, Кичево, Прилеп и Гостивар.
,,Очигледно е што се случува во државата и може да се заклучи дека  сите овие масовни миграции се стихијни, неорганизирани и тешки за статистичко следење.  Во посттранзицискиот период  учество на преселувањата во рамките на општините е зголемено  од  17,7 во 1994 на 22 проценти во 2002 година после овој период нее извршен попис на населението. Во исто време порасна и  учеството на меѓуопштинските миграции од  57,7 на 66,5 проценти,, Вели професорот Славе Ристески.
Нискиот стандар и сиромаштијата се најголема причина за миграција од малите места  кон поголемите градови. Најдобра илустрација каков е стандард на жителите во овие региони покажува истражувањето за сиромаштија кое го има направено Македонска платформа за борба  против сиромаштиоја.  Во Берово  секое пето домаќинство ни еднаш неделно не јаде топол оброк со месо. ,,Овие и многу други показатели кои се однесуваат на животен стандард и сиромаштијата во Берово и Свети Николе (но и во другите градови) се во форма на декларација предочени до Владата и ресорното министерство за труд и социјална политика,,. Вели Сашко Јованов од Македонска платформа за борба против сиромаштија.
Од квалитет на животот зависи дали ќе останете во еден град или ќе се преселите во друг.
Скопје за јавни набавки (од кои зависи и квалитетот на животот на граѓаните) во 2012 година потрошило по глава на жител 1.029 евра, додека сите десет посочени општини  со изразена депопулација заедно потррошиле  само 640 евра по жител. Најдрастични примери со мала потрошувачка за јавни набавки по глава на жител се  Ресен со 10 евра, Виница 32, Кратово 40, Демир Хисар 52, Берово 56... Додека општина центар во 2012 година за јавни набавки по глава на жител потрошила  412 евра. Од Центар за граѓански комуниакции посочуваат дека граѓаните, и граѓанските организацвии треба да бараат од локалните власти да го зголемат износот на јавните набавки по жител за набавка на стоки и услуги кои ќе ги подобрат  условите за живот и работа, и ќе го подигнат животниот стандард на локалната заедница, што може да биде важен фактор во зауставувањето на депопулација на овие градови.

Проекции на О.Н.
Проекцијата на статистичарите за бројот на жителите во Македнија во 2050 е 2.182.360 жители од кои половина ќе живеат во метрополата. Блиски се и прокециите на О.Н. за бројот на населението во нашата држава според кои во 2025 година Македонија ќе има  2.067.000 жители. Како највлијателен демографски фактор за преселба односно депопулација на малите места се смета екомијата. Професорот  Ристрески наведува пример дека затварање само на една фабрика во некоја општина може да предизвика сериозни демографски последици.

Билет за еден правец
Названична стаистика вели дека во Скопје од понеделник до петок се слева река од над 180.000 луѓе кои тука работат.
Трајан е од Богомила и работи како кондуктер во Македонски железници на релација Скопје Гевгелија и Обратно. Вели дека во петок во возот нема каде игла да падне, исто е и во недела навечер. ,,Имам впечаток дела цела провинција од Југот се преселила во Скопје, невозможно ми е во викендите да ги проверам билетите на сите патници. Ходниците се загушени, макнат торби со храна, туби со ракија, и вино, ... Има случаево кога во ходникот патниците стојат на една нога а меѓу нив се по 200-300 литри ракија. Воглавном се млади, весели, разговорливи... но од она што го слушам никогаш нема да се вратат во провинција, се снаогаат во Скопје, работат по кафулиња и бутици, продаваат ракија, сирење, смокви, ориз...што се не пренесуваат со воз.

Цена на трудот
Притисокот на провинцијата врз меторполата е огромен а со тоа паѓа и цената на трудот вели Сашко Деспотовски кој работи во кафуле во ,,Веро центар,,. ,,Кога го отворија ,,Веро,, газдата ме плаќаше 10.000 денари месечно. Просечен џепарлак со кој можев да си дозволам мали луксузи покрај студирањето. Од еднаш дојде бран од провинција, девјчињата почнаа да се нудат да работат за 5000, ги молат газдите, им се умилкуваат само да ги примат на работа... Создаваат силно лоби, живеат по 6-7 во еден мал стан, секој викенд од провинција влечат за себе и за продажба храна, пијалок, земјоделски производи, нахални се и пред нивниот налет се почесто се повлелкуваме. По дипломирање имам намера веднаш да ја напуштам Македонија.

Thursday, June 19, 2014

АЕК ГРАДИ „КАФЕАНА“ НА ВОДНО ВРЕДНА 17,6 МИЛИОНИ ЕВРА



Влада гради телекомуникациска или вавилонска кула на Водно

АЕК ГРАДИ „КАФЕАНА“ НА ВОДНО ВРЕДНА 17,6 МИЛИОНИ ЕВРА

Од парите на граѓаните Агенција за електронски комуникации почна на Вовдно изградба на телекомуникациона кула чија примарна функција се туризмот и угостителство.
Слични објекти во многу други држави беа во мода во шеесетите години на минатиоот век кога почнуваше да се емитува ТВ програмата, тие се денес атрактивни кафеани и барови
Александар Писарев
Агенција за електронски комуникации на Македонија започна од парите на граѓаните на Водно да гради телекомуникациска кула која ќе чини 17,6 милиони евра. Според образложение на премиерот Никола Груевски за потребите од изградба на ваков вид на објект, изгледа дека би било многу по логично инвеститорот на овој објект да биде Турисчкиот сојуз на град Скопје, или некој приватен кафанџија. Бидејки според највата на Груевски и она што го кажа на денот на поставување камен темелник, Кулата ќе биде два пати повисока од Милениумскиот Крст, но и од висококатниците во Аеродром, што значи ќе биде највисок објект во Македонија и атракција која ќе привлекува многу туристи. Во кулата ќе има ротирачки ресторан од кој ќе се гледа панорама на Скопје.
„Ваквите кули се симбол и атракција на многу познати градови ширум светот, и претставуваат магнет за туристите и посетителите. Со изградба на телекомуникациската кула на Водно и Скопје ќе добие плус на својата туристичка претпознатливост“ Рече Грувески на поставуавње камен темелник на овој објект.
Кулата ќе биде висока 155 метри со централно армиран бетонски столб на кој ќе бидат сместени четири конзолни платформи со површина од 180 до 200  квадратни метри. „Ова е футуристички објект по кој веруваме дека во иднина ќе биде препознатлив и Градот Скопје“ изјавил директорот на АЕК Ордановски.

Анахронизам
Изградбата на ваквите кули, денес, во време на модерни и нови комуникации претставува чист анахронизам. Премиерот како примери ги посочи градовите Виена, Токио, Камбера, ние ќе ги додаеме и Берлин и Авала, кај Белград во нашето соседство...
Сензационален почетокот на изградбата на ваквата кула би бил атрактивен пред најмалку половина век, кога всушност се изградени првите телекомуникациски кули за експериментални ТВ програми, во Токио 1958, во Виена, 1964 година, Берлин и Авала кај Белград 1965 година и претсавувале маниризам во тогашната современа архитектура (
http://www.donauturm.at/en/geschichte/, http://www.tob.rs/sr-lat/sightseeing_in.php?id=147. Тие денес претставуваат воглавном архитектонски споменици од втората половина на минатиот век и панорамски видиковци, туристичко угостителски објекти и симболи на овие градови.
Последна ваква кула е обновена на Авала во близина на Белград, 2010 година како симбол на сплотеност на граѓаните на Србија да го обноват споменикот на првиот предавател на РТБ срушен за време на НАТО бомбардирање на Србија. На иницијатива на голем број на граѓаните на Србија и со нивните доброволни прилози уз примена на новите технологии изграден е идентичен торањ како оној од 1964 година повисок за неколку метри. Од него се простира величенствен поглед на цела Шумадија.
„Работно време за посетителите е од  9 до 17 часот, а цена на влезница е 150 динари, за групни посети 70, а деца и лица со инвалидитет можат бесплатно да го посетат вели за „Глобус“ Јелена Димитијевиќ Гајиќ од РТБ. На 119 метари на овој торањ е кафе бар „Паниорама бар“ .
 „Ова е највисокиот угостителски објект во Белград вели Саша Митиќ директор на „Панорама бар“, работното време е до 20 часот. Посетителите за 400 динари добиваат влезница за обиколка на торањот, пијалок и колачиња. Белградскиот торањ се изнајмува и за сватови, според Митиќ оваа година имале шест свадби на височина од 119 метри, а белградските момци многу често го „затвораат“ барот за приватни журки на кои ги запросуваат за невеста своите девојки“.
Ви Виена ваков торањ-кула е изграден 1964 година и во туристичките проспекти е познат како Донаутурн, иако многумина мислат дека се работи за ТВторањ, тој нее тоа, и влезница за панорамско посматрање на Виена од него се продава заедно со билетот за виенскиот Пратер и чини 11,5 евра а се купува во Донаутурн заедно со проспектот на Виена.
Во Токио за потребите на локалната телевизија торањот е изграден 1958 година. Бидејќи и тогаш претсавувал атракција, во 2012 година јапонците го обновине и му ја зголмиле височината со цел да ја демонстрираат најновата јапонска технологија во градежништвото. Така направиле „Светско чоду“ торањ кој е туристичка атракција. Висок е 634 метра и го нарекуваат Небеско дрво. Има две платформи за панорамско посматарање на метрополата, кафеани, барови и ултра брзи лифтови.
Значи, кај сите овие прескапи објекти преовладува акцент на туристичко угостителска функција, а не на некаква нова телекомуникациска функционалност. Јапонците тоа можат да си го дозволат бидејќи се работи за екониомски најразвиената земја на светот. Споредбата на Скопје со Токио која ја направи премиерот навистина е не сериозна.

Симбол на фрлени пари
Директорот на АЕК Роберт Ордановски смета дека кулата ќе биде симбол за АЕК и од тие причини Агенцијата веќе го редизајнирала своето лого во кое е ставен новиот објект по кој како што и самиот рече во иднина Скопје ќе биде препознатливо. Вероватно како Токио - само малку по валкано.
И Груевски и Ордановски многу невешто се обидоа да ги убедат граѓаните од потреба да се изгради ваков скап објект за некаква телекомуникациска функција. Поготову тоа не им помина во очите на експерти со кои разговаравме, а кои цел работен век го поминале во секторите за врски во МРТВ или МВР, а од оправдани причини не сакаат да се експонираат.
Според нив, во денешното време на модерни телекомуникациски технологии кои ги заменија класичните фреквенции за пренос на звук, слика и информации, функција на вакви кули-торњеви е надмината.
Ваквите кули биле во функција до осумдесетите години на минатиот век кога радиодифузерите се уште користеле средни бранови, а телекомуникацијата се одвивала на кратка бранова должина.
Што денеска ќе се контролира од ваквата кула кога телевизискиот и радио сигнал се пренесува дигитално користејќи оптички и други каблови, интернет и мобилна телефонија, а локалните радија користат ФМ сигнал што се  простира само до хоризонтот, па оваа кула не може да контролира она што е надвор од нејзиниот видокруг. Нелогично е авијација, која ја спомнува Ордановски да се контролира од оваа кула бидејќи работи на строго дефинирани фреквенции одредени според меѓународните прописи кон кои производители на опрема строго се придржуваат и не дозволуваат промена на фреквентните подрачја.  Нелогично е и технички невозможно дека од истата кула ќе се контролираата и пријемни и предајни фреквнеции како што тоа е пренесено во информацијата од АЕК.
Доклклу се работи за следење на регионалните краткобранови комуникации од соседните земји, нивна контрола веќе се врши преку неколку слични телекомуникациски кули и системи од кои едната веќе постои на Водно, едната се наоѓа на Солунска Глава. За иста намена можат со пософистицирана опрема да се користат постоечките објекти, како и репетиторските кули на МРТ на Црни Врв, Стогово, Пелистер и да неги откриваме труги помалку познати локации каде се веке инсталирани одредени комуникациски системи.
Очегледно се работи за изградба на „Вавилонски кули“ и ширење на епидемијата „Скопје 2014“ и на пошироко подрачје од градот, дури на Водно- за да се гледа и од далеку.